Рецензии

Раде Силјан: „Визуелни елоквенции“ на Лили Бошевска, оригинален книжевно-ликовен проект

Раде Силјан е македонски поет, писател и издавач. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

„Визуелни елоквенции“ е оригинален книжевно-ликовен проект – секоја од песните во книгата е во дијалог со дело од ликовната уметност, од истакнати ликовни уметници од Македонија и од светот. Со тоа, најновото дело на Бошевска се вбројува меѓу оние што во македонскиот културен простор, експлицитно го поттикнуваат дијалогот на поезијата со другите, некнижевни форми на уметнички израз, докажувајќи дека делата од различни уметности можат едно со друго да се дополнуваат, оформувајќи ја големата слика за пораките и светот на творецот.

„Во уметноста, како и во љубовта, човек може да го даде само она што го има.“ Оваа мисла на Владислав Сштемински (1983-1952) се издвојува како носечко мото на книгата на Бошевска, што се потврдува и преку тематско-мотивските преокупации на Бошевска засведочени во песните поделени во осум циклуси. Поезијата од оваа поетска книга, покрај мултимедијалноста остварена со дијалогот со ликовната уметност, се одликува и со силни интертекстуални, пред сѐ хипертекстуални врски со филозофијата и со историјата на книжевноста, пред сѐ со митологијата, во потрагата по одговори на суштински прашања за човековото постоење.

Накусо, покрај со концептот и внатрешната архитектоника со која се издвојува како осмислена и заокружена целина со концепт, а не само како збир на песни, „Визуелни елоквенции“ се издвојува и со автентичноста на стилот на Бошевска, којшто ја претставува како поетеса-ерудит и промислувач. Значајно е да се напомене дека најголемиот дел од делата од ликовната уметност што се во дијалог со песните на Бошевска се од понов датум, при што во книгата се гради синтеза меѓу архаичното (митолошкото) со интертекстуалната врска во стиховите, колективното, индивидуалното и најсовременото, а притоа се понесува заклучокот дека Бошевска, всушност трага и успева да дојде до поетски одговори на веничните прашања за човекот, творецот и уметникот воопшто.

Милица Димитриевска Радевска: „Исповеди и екстази“- смисловно и целисходно духовно патешествие на Лили Бошевска 

Милица Димитриевска-Радевска е поет, писател и книжевен критичар. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Смисловно и целисходно е духовното патешествие на секој уметник, па и поетот. На тој пат на пронаоѓање на себе си во себе си, на себе си во очите на другиот поетот има единствена матрица- алхемијата на зборот, односно како што пее и поетесата Лили Бошевска во воведната песна „Пронаоѓач“ од стихозбирката „Исповеди и екстази“, „копнеев да ме пронајдеш низ енграмите на некоја колективна меморија“. Оваа синтагма- колективна меморија- имплицира потреба сѐ она што создаваме и креираме да биде квалитативно и квантитативно средиште, стожерот и остенот на времето како апсолутна категорија. И во оваа стихозбирка низ 40 песни како автосугестија низ песните дефилираат лексеми лет, празнина, светлина, илузија, љубови, ерозија, венеење, сомнеж, пресушено море, галија, метморфози, црвена, колиба, карпа, вулкан, турфанда, Касипоеја. Овој збир на зачетоци на мислата се „изронати големини на зборот кажан…“

Несомнено овде е посигурна, поотворена во изразување на најсуптилните чувства прочувствувани како усвитени страсти. Во повеќето од песните прави паралела меѓу онаа некогаш и онаа сега, меѓу мигот на небиднината и часот на еросот затворен во мракот. Таа насушност од бакнеж до глад, метастазира од глад до пост- но поетесата е децидна во своите избори: „Јас не избирам пост/сакам да сум гладна по тебе/ напоиме со своите изблици/ со своето битие, нахрани ме“. Со тоа таа себе си се разоткрива не само како љубена жена, туку и како инспирација за доживување на Еросот како неоткриен остров на плотната љубов. Низ стиховите пак во песната „Роб на галија сум на пресушено море“ навидум како да се пресликува некоја импресија од заборавена средновековна приказна за дамата и витезот на нејзиното срце. Но овде повеќеслојно се открива и една животна реална приказна за нашите патувања по суво и по копно. И едниот и другиот пат кријат опасности, подводни гребени, пустини и оази- и за миг животот ни се пресенува како фатаморгана, „зашто дури и погрешниот правец тука нема значење, зашто галијата, во пустина кога плови, сѐ и станува неважно и не влијае врз нејзината неподвижност“.

Кога станува збор за љубовта поетесата Лили Бошевска најексплицитно неа ја вообличува низ црвената боја која од психолошка или уметничка гледна точка може да биде симбол на жртва, издржливост, страст и енергија. Во комбинација со лексемата Касиопеја- овие песни го нагласуваат внатрешниот порив да се занемари свесното, да и се препуштиме на огнот на љубовта, иако  можеби на прв поглед со тоа манифестираме ароганција и непослушност, ги пренебрегнуваме конвенциите и конзервативната средина, но „ од почеток животот се враќа/ во небули, во маглини-во ѕвездени јата/ сѐ е исто, сѐ исто се фаќа/ од ѕвезда до ѕвезда друг лик ќе најдам/ во секој човек/ дел свој ќе пронајдам“.

Прашањето ако не е тоа што е, ако го немаме тоа што сме го барале, тага ли е!? Не! Во изликот на емоции остануваме свои, тие сме што сме, такви какви што сме- а љубовта?- таа е двигател на сѐ, на она што е во нас и што гори, на она што е видливо и нѐ мори, на секој наш исчекор, на секоја наша мисла за денес и утре.
Во целината на оваа стихозбирка има неколку песни меѓу која и песната „Колку ќе трае“ која открива еден друг животен бран- која оддишува со чисто исповеден тон и едно реторичко прашање за тоа како што поетесата го нагласува автоимуната болест што го корне нашето постоење. Во ист тон и во песните „Не можете“, „Ќе покаже времето“ и „Молчење“ ги елборира нејзините согледби за тоа како го доживува она што е наспроти неа, и себе си во неа. И затоа во песната „Метаморфоза 2“ ќе рече: „јас веќе не сум денес/ се претворам во утре“.
Констатација на запишувачот на овие редови е дека овие песни се специфичен поетски изблик кои смисловно и мотивски покриваат друг креативен интерес на авторката Лили Бошевска.

Трајче КАЦАРОВ: „Исповеди и екстази“- ЖРТВЕНИК НА ЉУБОВТА

Трајче Кацаров, македонски поет, писател, есеист и драмски автор. Член на македонското друштво на писатели

Книгата „Разговор за поезијата“, Фридрих Шлегел, ја започнува на следниот начин: „Поезијата ги  зближува и ги соединува во нераскинлива врска сите души што ја сакаат. Иако тие во своите животи бараат најразлични нешта, некои во потполност презирајќи го она што за другите е свето, и покрај тоа што не се забележуваат едни со други, останувајќи вечно туѓи,  во оваа сфера тие се сепак соединети и смирени од вишата фантастична моќ. Едната муза ја бара другата, а сите потоци на поезијата се слеваат во големото заедничко море.“

Ако поезијата ja сфатиме како една од желбите на човекот, а секоја желба, како што би рекол славниот руски кино режисер Андреј Кончаловски, е копнеж по животот, тогаш поезијата ја сакаат само оние кои имаат многу желби, а сите тие заедно го прават копнежот за животот идентичен. Но, мора да се согласиме и со тоа дека желбите и копнежот по живот се резултат на нашите чувства, на нивната меморија. Колку повеќе се нагласени, толку повеќе желбата е поголема, копнежот е непресушен. Односно, толку повеќе има души што се во нераскинлива врска, како што би рекол Шлегел.

Морето поезија, вели Шлегел, го чинат неговите притоки. А притоките се желбите на луѓето, нивниот копнеж по животот. Луѓето имаат најразлични желби, но копнежот по животот ги израмнува, односоно ги соединува во волшебната моќ на убавото, јакото, цврстото во животот.

Ако убавото го наречеме море, тогаш желбите и копнежите ги претвораат луѓето во поточиња кои што го полнат, кои што не му даваат да пресуши, кои што го прават постојано примамливо.

Кога сме  веќе кај поезијата на Бошевска како што би рекол Кончаловски, можеме со неколку зборови, или само со една реченица да ја дефинираме, однoсно да го појасниме нејзиниот прилог кон морето поезија. Нејзината поезија можеме да ја именуваме и карактеризираме како жртвеник на љубовта. Тоа е оној жртвеник што го поставува и бара севишниот, оној што значи целосна посветеност, посесивност но, не онаа на која ѝ е дозволено да приговара, да оценува, да критикува. Едноставно го положуваш своето најсвето на него и чекаш реакција од животот. Ако ја прими жртвата  стануваш суштество со желба и со копнеж. Стануваш суштество кое заслужува да се забележи, слушне, да се почитува зашто си обдарена со трајни вредности.

Желбите не можат да се прекријат, копнежот по животот уште помалку. Сепак има некои кои се обидуваат да го сторат тоа. Се рабира успехот им е невистински, лажлив. Творците, писателите-уметниците немаат право на таков обид, тие на жртвеникот не можат да положат друга глава, друга судбина- освен својата. Пак ќе повториме, затоа ги почитуваме и нив и нивните дела.

Примери за тоа има многу во стихозбирката на Лили Бошевска. Таа самата се положува на жртвеникот на љубовта и во чинот на судбината. Примери за тоа наоѓаме во песните од нејзината стихозбирка. Ќе почнеме со песната „Ранобудник“: „Никогаш не се будам рано/ Му давам предност на сонцето/да одлучи дали ќе светне./Им давам време на птиците/ да ги наштимат своите гласници. Му давам простор на ветерот,/ да одбере правец. Ти давам можност и тебе,/ да помислиш на мене и овој ден.“

Во песната „Лет кон бескрајот“, Бошевска ја потврдува нашата теза преку стиховите: „Ти, ангелот свој ми го прати,/вешто низ бои го сокри,/ а јас…/ се направив дека не го препознав/-се уплашив од неговата големина./ -Ќе ме одведе- си реков, далеку од овој приземен свет./ Ти и мене во ангел ме престори,/…

Во песната „Вдишување“, Бошевска, низ стиховите „Ова не е бакнеж, /ова е глад по твоето битие./ сакам да се нахранам со твојата трперливост,/…сакам да сум гладна по тебе./ Напи ме со своите изблици/ Со своето битие нахрани ме./“ го потврдува копнежот по животот , односно одлуката да се предаде во рацете на љубениот зашто тој е олицвоторение на нејзината желба, на нејзиниот животен копнеж.

Песната „Рицар“ најдобро зборува за тоа: Со тебе животот добива смисол/…Заштити ме со својата сила,/ посилна од водите на океаните,/посветла од светлината на вистината, поцврста од каменот на трперливоста. Во војата закрила сум среќна./ Твојата смиреност-ме смирува./…

Стиховите кои Бошевска ги положува на жртвеникот на љубовта, како судбина која чека да биде прифатена како нејзина жртва, заслужуваат да ги почитуваме, како дела кои се значајни притоки кон морето на поезијата.